Added by on 2024-09-20

Центарот за развој на медиуми ве поканува да учествувате на вебинарот „Проверка на факти: Модели, системи, процеси“, што ќе се одржи во петок, 4 октомври 2024 година, преку онлајн-платформата за конференции „ЗУМ“, со почеток во 15 часот.

Ова е трет од серијата вебинари наменети, пред сè, за новинари и редакции, како помош во справувањето со напливот на непроверени, често невистинити и злонамерни информации достапни преку интернет и социјалните мрежи и медиуми. Вебинарот е фокусиран на прашањето на внатрешната организација на проверката на факти во редакциите, соодветните системи и модели, како и поврзаните процеси што овозможуваат соодветна проверка на фактите пред нивно објавување.

Предавач на вебинарот е Брук Борел (Brooke Borel), новинарка, автор и обучувач, водечка експертка во областа на проверката на факти. Автор е на „The Chicago Guide to Fact-Checking” (Чикашки водич за провека на факти), и „Fact-checking Science Journalism: How to make sure your stories are true” (Проверка на фактите во научното новинарство: Како да бидете сигурни дека вашите стории се вистинити“). Живее во Њујорк и работи како уредник во магазинот „Андарк“ (Undark), го води Проектот за проверка на факти на програмата за научно новинарство „Најт“ на Масачусетскиот институт за технологија (KSJ@MIT) и предава научно новинарство на Унверзитетот на Њујорк (NYU).

Вебинарот е дел од проектот „Проверката на факти пред објавување во борбата против дезинформациите“, финансиски поддржан од Амбасадата на САД.

Линк до вебинарот на ЗУМ