
Центарот за развој на медиуми постојано ја следи состојбата во медиумскиот систем и на медиумската сцена во Република Северна Македонија. Првенствено, следењето ги покрива активностите и работата на двете телазадолжени за спроведување на медиумското законодавство, односно регулаторното тело, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Програмскиот совет на МРТ.
Исто така, ЦРМ ги следи и соодветните активности на надлежното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), особено во светло на неговата улога во реформите (или нивното отсуство) на медиумската сцена.
Реформите во медиумскиот сектор во државата, иако одамна препознаени како потреба, никако да почнат. Последниот неуспешен обид го вклучуваше и проектот на ЕУ, фокусиран на хармонизацијата на националното законодавство со правното наследство на ЕУ, но во втората фаза и на сеопфатна реформа на медиумското закнодавство во државата.
Овој извештај, подготвен со поддршка на институционален грант од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy – EED), го покрива вториот квартал од годината, односно периодот од 1 април до 30 јуни 2024 година. Периодот покриен со овој извештај го одбележаа Претседателските и Парламентарните избори, односно изборните кампањи и периодот по изборите и разговорите за основање на ново мнозинство во Собранието и новата Влада на Република Северна Македонија.
Поради тоа, немаше никакви поместувања од гледна точка на медиумското законодавство или на процесот на медиумски реформи. Треба да се забележи и одредена резервираност кон новата влада, знаејќи го приодот кон медиумите на ВМРО-ДПМНЕ кога претходно ја имаше власта и кога не штедеше напори за воспоставување на што поцврста контрола врз нивното работење.
Втор квартален извештај за 2024: Пред новата влада, старите предизвици


English

