Новиот медиумски систем што се создава пред нашите очи се одликува со доминација на дистрибутерите на содржини. Дистрибутерите ги заменија оние што ја создаваат содржината како доминантна сила што ги диктира односите во медиумскиот пејсаж, вклучувајќи ја и распределбата на парите од рекламите заработени благодарение на контролата врз вниманието на публиката. Моќта се префрли на интернет и во рацете, особено, на таканаречените „Биг Тек“ компании – четири или пет доминантни фирми во индустријата на информатички технологии во САД.
Поместувањата што на сцената ги донесоа компаниите од групацијата „Биг Тек“ – Мета, Алфабет, Амазон, Епл и Мајкрософт – се видливи првенствено во нивната безмалку целосна доминација со пазарот на рекламирање. Големината на нивната публика, бројот на посетители на нивните носечки платформи, како и податоците за своите корисници што ги собираат, ја „оддуваа“ настрана целата конкуренција. Традиционалните информативни медиуми не можат ниту да замислат да се вклучат во тој натпревар.
Новата ситуација му нанесе жесток удар на новинарството, поставувајќи пред него серија егзистенцијални прашања. Неспорно е дека одговорното, отчетно и објективно новинарство како контролор на моќта ни е повеќе од потребно. Прашањето е – како ќе го финансираме таквото новинарство? Како да обезбедиме дека ќе има професионални новинари што добиваат соодветен надомест за јавната услуга што ја обезбедуваат?
Локалните медиуми се под особено силен удар. Од нив сè очекува да обезбедат локално информирање и да ги информираат соодветните локални заедници како основен предуслов за постоењето на вистинска, функционална демократија. За да можат да продолжат да ја вршат таа задача на одржлив начин, тие мора да научат како да опстојуваат во новата реалност на навидум семоќните технолошки компании и да разберат дека, иако можеби се фокусирани на локални прашања и теми, тие всушност се натпреваруваат на глобален пазар.
Целта на овој извештај е да понуди преглед на начините на кои „Биг Тек“ (и бројните актери што функционираат на сличен начин во регионот и во целиот свет) влијаат врз работата и опстанокот на локалните медиуми. Извештајот, исто така, има за цел да ја поттикне и да помогне во обликувањето на тековната расправа за промените во медиумската сцена и новото дигитално окружување, со фокус на прашањето на одржливоста на квалитетното новинарство, вклучувајќи го и локалното информирање. До степен до кој тоа е можно на сцената која се менува со толку голема брзина, извештајот има за цел и да ги идентификува дејствата што можеби ќе треба да ги преземеме и нуди неколку широко-формулирани препораки за идно дејствување.
Извештајот е подготвен со финансиска помош од програмата „Медиуми за сите“ на Британскиот совет, спроведувана во соработка со БИРН, Фондацијата „Томсон“ и ИНТРАК.
Целиот извештај е достапен, како ПДФ документ, на следниот линк: