Added by on 2013-11-19

IMAG1617_1-1024x576Петтиот Марш на толеранцијата под мотото „Македонија има љубов за сите – Насилството не почнало и нема да заврши со мене!“, посветен на правото на живот ослободен од насилство, се одржа во Скопје минатата сабота, на 16 ноември, 2013 година, на Меѓународниот ден на толеранцијата.

Во кратките излагања пред Владата на Република Македонија, претставниците на организациите што учествуваа во настанот ги претставија предизвиците на насилното однесување со кое секојдневно се соочуваат, сите со иста порака – НЕ за насилството, НЕ за молкот на институциите, НЕ за неказнивоста на насилниците!

Учесниците на Маршот, организиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и ЛГБТИ Центарот за поддршка во соработка, со поддршка на четиринаесет други невладини организации, прошетаа од Владата на Република Македонија до платото пред стоковната куќа „Мост“ и заедно му кажаа НЕ на насилството кое станува дел од секојдневието на нашето општество.

Маршот на толеранцијата заврши со културно-уметничка програма, поетско читање и музика на платото пред стоковната куќа „Мост“ (сега филијала на Универзитетот на ЈИЕ). Обележувањето на Меѓународниот ден на толеранцијата заврши со проекција на кратки филмови и дебата во ГЕМ Клубот во Старата скопска чаршија.

Хелсиншкиот комитет и ЛГБТИ Центарот за поддршка ја поздравувија професионалноста и добрата соработка со полициските службеници од СВР Скопје при Министерството за внатрешни работи. Маршот помина мирно и без никакви инциденти.

Активистите на Младинскиот образовен форум (МОФ) истакнаа, по последниот насилен инцидент од петокот, 15 ноември, 2013 година, во кој сѐ уште непознати напаѓачи нападнаа и повредија осум момчиња и девојки во напад на автобус на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), дека се сериозно загрижени заради трендот за зголемување на насилството меѓу младите и врз младите во главниот град, Скопје.

Според последното истражување спроведено од МОФ, младите во Скопје не се чувствуваат безбедни а насилството ги става младите во позиција на страв.

„Имено, согласно податоците кои ги обезбедивме со методолошко истражување, 52,3% од средношколците во Скопје само понекогаш се чувствуваат безбедно во автобус, 19% никогаш, а во исто време, 49,3% од средношколците од Скопје сметаат дека е лесно и релативно лесно да се набави пиштол“, истакнаа представниците на МОФ на презентацијата пред Владата на РМ, одржана во рамките на Маршот на толеранцијата.

Кон мaршот се придружија и Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, Tiiiit! Inc. – женско движење, Субверзивен фронт – здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста, СТАР – СТАР – Граѓанска инцијатива за промоција и унапредување на правата на сексуалните работници, TerraFloria – здружение за заштита на животната средина, Паркобрани, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилствo, ХОПС– Опции за здрав живот,Анима Мунди – здружение за заштита на животни, НРЦ – Национален Ромски Центар, Civil – Центар за слобода, Плоштад Слобода и МОФ – Младински образовен форум. (Извор: Хелсиншки комитет за човекови права во РМ/Фотографијата е превземена од РадиоМОФ)

Категорија

Вести од партнери