Added by on 2018-02-02

Центарот за развој на медиуми ќе го претстави Вториот извештај од мониторингот на работата на АВМУ и Програмскиот совет на МРТ во 2017 година на конференција за медиумите што ќе се одржи во петок, 2 февруари 2018 година,  со почеток во 11.00 часот, во Клубот на новинарите во Скопје.

Извештајот го опфаќа периодот кога медиумската заедница беше фокусирана на процесот на јавна дискусија за медиумските реформи, односно јавната дискусија за предложените измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е релевантна регулатива за работата и на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Македонска Радио-Телевизија.

Центарот за развој на медиуми ја мониторираше работата на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, со присуство на седниците на советот или преку „стримингот“ во живо достапен преку каналот на АВМУ на YouTube. Исто така, ЦРМ ги земаше предвид одлуките на Агенцијата објавени на нејзината интернет-страница, а претставници на организацијата присуствуваа и на јавните состаноци и другите јавни настани организирани од страна на регулаторното тело.

Поради тоа, наодите во Вториот извештај, пред сѐ, се однесуваат на прашањата поврзани со овластувањата на АВМУ во областа на регулирање на пристапот до пазарот, односно анализата на пазарот и доделувањето дозволи за емитување на радио и телевизиска програма.

Притоа, наодите покажуваат дека Агенцијата, го прекрши законот со одлуката да не објави јавен конкурс во случајот на иницијативата за објавување јавен конкурс за доделување дозволи за емитување во дигиталниот терестријален мултиплекс на национално ниво, поведена од четири медиумски компании.

Наодите покажуваат, исто така, дека сегашните овластувања и надлежности на регулаторното тело не се доволни за да обезбедат негова суверена позиција на најкомпетентен носител и спроведувач на политики во областа на аудиовизуелните медиумски услуги. Тековните активности за реформа и подобрување на законодавството ќе треба да одговори и на таа потреба.

Во периодот кој е предмет на овој извештај, ЦРМ ја следеше работата на јавниот радиодифузен сервис, односно на Програмскиот совет на МРТ, и покрај огромните потешкотии предизвикани од нетранспарентното работење на Програмскиот совет, често спротивни на јасната законска обврска дека неговите седници се јавни.

Програмскиот совет на МРТ во овој период беше фокусиран на прашањето на длабоката финансиска криза во јавниот радиодифузен сервис што резултираше со блокирање на сметката на МРТ поради неплатени побарувања од повеќе доверители, како и со однесувањето на информативната редакција за време на настаните од 27 април 2017 година, тн. „Крвав четврток“.

Мониторингот на работата на АВМУ и Програмскикот совет на МРТ се спроведува со финансиска поддршка на програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Во рамките на програмата за мониторинг, ЦРМ редовно ја следи работата на телата задолжени за спроведување на медиумското законодавство, односно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми.