Added by on 2024-03-28

Центарот за развој на медиуми, со цел да им помогне на новинарите во Северна Македонија полесно да се справуваат со притисоците на новиот, хаотичен информативен еко-систем, подготви превод на „Прирачникот за верификација за дезинформации и медиумски манипулации“ на македонски и на албански јазик. Преводот на прирачникот, издание на Европскиот новинарски центар (European Journalism Centre) е направен во рамките на проектот „Проверката на факти пред објавувањето во борбата против дезинформациите“, поддржан од Амбасадата на САД.

Обврска на новинарите, според сите етички и професионални кодекси на новинарската професија, е да објавуваат само проверени и докажани информации. Новиот информативен еко-систем, во кој секој е издавач и секој што сака може и да се вклучи во информирањето – но и дезинформирањето – на јавноста/јавностите, таа обврска ја прави особено тешка за исполнување. Иако тоа не мора да ни се допаѓа, истиот пристап до ефтини платформи на кои можат да ја објават својата вистина го имаат и оние на кои не им се допаѓа политичкиот систем или вредносните системи во кои живееме и работиме.

Под притисок на „24-часовниот циклус на вести“, потребата да се биде прв и брз, поради потребата да се објави она што ќе привлече најмногу очи и најмногу кликови па ќе може да се монетизира, новинарите често, без каква било желба или намера можат да станат несвесни помагачи и соучесници на оние што не им сакаат добро на нашите политички или вредносни системи или, во крајна линија, на оние што се заинтересирани да ни продадат „чудотворни мелеми и лекови“.

Во Северна Македонија, поради фрагментираната сцена на која опстојуваат голем број мали редакции, без човечки ресурси или финансиски капацитети да обезбедат соодветни мрежи на дописници, известувањето за многу теми, а особено за надворешната политики и геополитичките прашања, се потпира на преземање на вести и содржини од интернет. Вештите злонамерни актери можат, и ја користат таа можност, да пласираат и злонамерни информации, дезинформации и пропаганда и до нашата јавност.

Како што вели уредникот на изданието Крег Силверман, целта на прирачникот за верификација е на новинарите да им „обезбеди упатства за начинот на водење на истраги на операциите за дигитални медиумски манипулации, дезинформирање и информирање.“

Прирачникот, исто така, има за цел да ги опреми новинарите со потребните вештини и техники за да можат, во комплексниот, нов дигитален свет придвижуван од податоци, на јавноста да и помогнат да стигне до точни и веродостојни информации.

Прирачникот, секако, е наменет и за сите оние што сакаат самите да проверат дали она што го прочитале на интернет е вистина или не, и дали тоа што го прочитале го прочитале на веродостоен медиум кому можат да му веруваат.

Изданијата на Прирачникот за верификација за дезинформации и медиумски манипулации на македонски и на албански јазик се приложени кон оваа статија. Преводите ќе можете да ги најдете и на интернет страната на Европскиот новинарски центар – www.ejc.net.

Прирачник за верификација за дезинформации и медиумски манипулации

Doracak i verifikimit Për dezinformata dhe manipulime mediatike