Во периодот од 1 јануари до 31 март 2017 година кој е предмет на овој извештај, Центарот за развој на медиуми ја следеше работата на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, со присуство на седниците на Советот на АВМУ. Исто така, ЦРМ ги земаше предвид одлуките на Агенцијата објавени на нејзината интернет-страница, а претставници на организацијата присуствуваа и на јавните состаноци и другите јавни настани организирани од страна на регулаторното тело.
ЦРМ ја следеше и работата на јавниот радиодифузен сервис, односно на Програмскиот совет на МРТ, и покрај огромните потешкотии предизвикани од нетранспарентното работење на Програмскиот совет, често спротивни на јасната законска обврска дека неговите седници се јавни.
Во овој период, а особено од објавувањето на „Извештајот на Прибе“, АВМУ и МРТ чекаат да почнат договорените реформи во медиумската сфера. Мониторингот забелажа извесни подобрувања во работата на АВМУ, иако и понатаму остануваат забелешките околу составот на Советот на Агенцијата и политичките влијанија врз него. Таквото влијание особено е видливо во одлуката да го проследи Годишниот извештај на АВМУ за 2016 година со заклучокот дека сите медиуми биле политички пристрасни, или кон власта или кон опозицијата.
Поради очекуваните реформи, препораките се воопштени и повеќе се однесуваат на целокупниот законодавен третман на АВМУ и МРТ отколку на поединечни аспекти од нивното работење.
Мониторингот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТ се спроведува со финансиска поддршка на програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).