Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), во рамките на програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Република Македонија и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, спроведува континуиран мониторинг на примената на новите медиумски закони во Република Македонија – Закон за аудио и аудивизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) и Закон за медиуми (ЗМ). ЦРМ, едновремено, во контекст на овие закони, ја набљудува и работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), на Македонската радиотелевизија (МРТ) и на Собранието на Република Македонија. Примената на законите се мониторира од аспект на тоа какво е нивното влијание врз функционирањето и работата на медиумите и новинарите односно врз слободата на медиумите и слободата на изразување. Овој извештај го опфаќа периодот од стапувањето во сила на законите, односно од 3 јануари до 15 март 2014 година.
Мониторингот покажа дека сериозен недостаток на Законот, кој што се покажа веднаш по неговото стапување во сила, е членот со кој се предвидува утврдување на мнозинските новинарски здруженија кои треба да предложат по еден член во советот на Агенцијата. Законот го ограничува слободниот избор на новинарите да бидат важечки членови во повеќе новинарски здруженија, а членарината ја наметнува како услов за утврдување членство што не е предвидено со Законот за здруженија и фондации. Она што особено загрижува е фактот дека доставувањето на регистар со целосни податоци за членовите на здруженијата до надлежното министерство создава простор за дополнителни притисоци врз новинарите.
Распуштањето на Собранието и распишувањето на предвремените парламентарни избори, ги одложи законските рокови за избор на членови на советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и за избор на членови на програмскиот совет на Македонската радиотелевизија. Заради ова, Агенцијата во својот времен (стар) состав ќе работи подолго од предвидениот законски рок.
Составот на советот на Агенцијата, предвиден со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, не претставува гаранција за независност и самостојност на Агенцијата, бидејќи не е ослободен од опасноста за сериозно политичко влијание врз неговата работа. Агенцијата треба да биде заштитена од политички влијанија, а изборот на членовите треба да се врши со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието. Само на ваков начин ќе се обезбеди широк легитимитет на избраните членови.
За разлика од поранешниот Закон за радиодифузна дејност, кој содржеше јасна одредба за јавност на седниците на СРД, новиот Закон не предвидува јавност на седниците. Сметаме дека седниците на советот на АВМУ треба да бидат јавни и дека ако тоа не се обезбеди со измени на Законот, секако, треба да се предвиди со деловникот што ќе биде подготвен и донесен откако ќе бидат избрани членовите на советот на Агенцијата.
Што се однесува до Македонската радиотелевизија, речиси 3 месеци по донесувањето на Законот и најавите дека Владата во рок од 6 месеци, ќе подготви измени со кои ќе се обезбеди независноста на МРТ, во јавноста нема никаква информација до каде е оваа постапка. Нема ниту јавна дебата за тоа кои и какви решенија се најдобар гарант за независноста на јавниот радиодифузен сервис. Имајќи го предвид исклучителното значење на независноста на МРТ, но и досегашното влијание на Владата врз работата на МРТ и нетранспарентниот начин на којшто се водеше процесот на донесување на медиумските закони, ЦРМ со посебен интерес ќе следи дали Владата навистина има намера да донесе решенија кои ќе ја обезбедат неависноста на МРТ и ќе оневозможат какви било политички влијанија и притисоци врз јавниот сервис.
Законот предвидува МРТ да се финансира од радиодифузната такса, од комерцијални услуги, од продажба на програма, донации и средства од Буџетот на РМ. Додека за донациите се нагласува дека тие не смеат да влијаат врз независноста на јавниот сервис, Законот воопшто не ја регулира опасноста од директно влијание на Владата врз уредувачката политика и независноста преку доделување средства од државниот буџет. ЦРМ смета дека буџетот на РМ не може да биде извор на дополнително финасирање. Од тој аспект, законската можност за финансирање на МРТ со буџетски средства треба или да се избрише, или пак, да се фиксира на точно определена сума. Доколку се прифати второто решение, Законот треба да се прошири со одредби кои не само што ќе ја фиксираат сумата или методологијата, туку и нема да остават простор за какви било преговори со Владата на годишно ниво за степенот на буџетски дотации. Сепак, второто решение останува проблематично од аспект на тоа дека de facto претставува недозволена државна помош според европските стандарди. Затоа, ваква интервенција во Законот би претставувала времено и парцијално решение.
Бидејќи програмскиот совет на МРТ има примарна функција да ги штити интересите на јавноста, а не интересите на власта и на политичките партии, загрижува фактот дека законски предвидениот состав на советот не ги отсликува општествените различности и во него наместо да доминира граѓанското општество, доминира политичкото влијание изразено најмногу преку собраниската Комисија за избори и именувања. Во споредба со претходното законско решение, кога Советот имаше 23 члена, од кои 5 се избираа по предлог на собраниската Комисија, сега советот ќе има помалку членови, односно само 13. Индикативно е тоа што значително се намалува учеството на граѓанското општество, а собраниската Комисијата повторно ќе предлага ист број членови. Овде загрижува и начинот на определување на едно мнозинско новинарско здружение, прашање кое исто така веќе има политичка димензија.
Иако е законска обврска, МРТ до затворањето на овој извештај, не ги објави финансиските планови за 2014 година, а не ја објави ни годишната предлог-програа. МРТ не само што не го почитува Законот, туку и не им овозможува на сите заинтересирани граѓани да ги изразат своите гледишта и ставови. Бројот на расположливи документи на интернет-страницата на МРТ, покажува дека степенот на јавност во работењето е далеку од задоволително според меѓународните стандарди кои важат за јавните радиодифузери. На ваков начин, МРТ продолжува да гради репутација на затворен и нетранспарентен јавен радиодифузен сервис.