Водичот „Вовед во истражувачкото новинарство“, издание развиено од Глобалната мрежа за истражувачко новинарство (Global Investigative Journalism Network – GIJN) и „Зона на идеи“ (Ideas Zone) на iMEdD (Incubator for Media Education and Development), е нов корисен прирачник за сите што сакаат да ги совладаат основите на истражувачкото новинарство.
Подготвен како одговор на препознаената потреба од обука за основните вештини на истражувачкото новинарство, наспроти фактот дека на интернет се достапни изобилство програми за обука за напредните истражувачки техники, прирачникот е наменет за новинарите од сите возрасни категории. Тој е подеднакво корисен и како алатка за обука на новинарите-почетници, и за поискусните новинари на кои во секојдневната работа им е потребен совет за истражување или потврда на информациите, дури и ако не работат како специјализирани истражувачки новинари.
Поглавјата во водичот се пишувани од искусни и наградувани истражувачки новинари, обучувачи и професори на новинарски школи од целиот свет. Тие на извонредно приемчив начин ги пренесуваат своите искуства и искуствата на нивни колеги што работеле на некои од најпознатите истражувачки стории.
Водичот „Вовед во истражувачкото новинарство“ е преведен на македонски и на албански јазик, во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативниот неред“ што Центарот за развој на медиуми го спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.
Водичот „Вовед во истражувачкото новинарство“, на македонски и на албански јазик, можете да го погледнете и да го снимите на следните линкови:
ВОВЕД ВО ИСТРАЖУВАЧКОТО НОВИНАРСТВО
HYRJE NË GAZETARINË HULUMTUESE


English


