Added by on 2026-11-19

Илустрација: Смаранда Толосано за GIJN/Smaranda Tolosano for GIJN

Центарот за развој на медиуми ве поканува да учествувате на вебинарот „Проверка на факти“, што ќе се одржи во четврток, 19 ноември 2026 година, преку онлајн-платформата за конференции „ЗУМ“, со почеток во 16 часот.

Проверката на факти е аспект на новинарската работа на кој последниве години се става посебен акцент. Тоа е период обележан од растот на социјалните медиуми и платформи и појавата на нови играчи во индустријата на јавно информирање кои, не секогаш, се грижат тоа што го објавуваат да е соодветно проверено и потврдено. Исто така, многу повеќе внимание во јавноста добива проверката на фактите по објавувањето, од основната новинарска обврска проверката на изнесените факти да се направи пред да се објави сторијата.

Вебинарот е осми од серијата онлајн-работилници што Центарот за развој на медиуми ги организира во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативниот неред“. Работилниците се потпираат на индивидуални поглавја од „Прирачникот за верификација за истражувачко новинарство“ и од „Вовед во истражувачкото новинарство“ (издание на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство GIJN), што наскоро ќе биде објавено на македонски и на албански јазик.

Вебинарите се наменети, првенствено, за новинари што не се специјализирани во областа на истражувачкото новинарство и работат во традиционални, мејнстрим редакции, но можат да бидат корисни и за претставници на граѓанските организации што вршат истражувања и се соочуваат со потреба од верификација на наодите и од примена на корисните техники на истражувачкото новинарство. Вебинарите, исто така, можат да им помогнат и на искусните истражувачки новинари, затоа што водичот „Вовед за истражувачко новинарство“ ги покрива и најновите трендови во областа на новинарските истражувања, особено во онлајн-доменот.

Работен јазик на вебинарот е англискиот јазик. Ќе биде обезбеден превод на македонски и на албански јазик.

Предавач на вебинарот е Николија Апостолу (Nikolia Apostolou), директорка на Ресурсниот центар на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство. Во својата новинарска кариера нејзините стории и документарни филмови се објавени од повеќе од 100 медиуми од целиот свет. Нејзините документарци се прикажувани и наградувани на фестивали ширум светот. Таа предавала новинарство на Универзитетот на Атина и на Универзитетот „Пантејон“ во Атина. Стипендист е на „Дартовата“ и на „Фулбрајтовата“ програма. (Повеќе за нејзината биографија на линкот https://gijn.org/staff-member/nikolia-apostolou/).

Вебинарот е дел од проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативниот неред“, финансиски поддржан од Европската Унија.

А Г Е Н Д А

 

 

 

Датум: 19 ноември 2026 година

Место: Онлајн платформа „ЗУМ“

Линк до вебинарот: https://us06web.zoom.us/j/86194899585?pwd=rrXbknBwMmoZU7k2VITxeagowXuKfs.1

(Влезен код: 896314)

 

 

 

16:00-16:10 Воведно обраќање

Дејан Георгиевски, Центар за развој на медиуми

16:10-17:30

 

 

17:30-17:45

 

17:45-19:15

„Проверка на факти, Дел 1“

Николија Апостолу, Глобална мрежа за истражувачко новинарсто

 

Пауза

 

„Проверка на факти, Дел 2“

 

Николија Апостолу, Глобална мрежа за истражувачко новинарство