Added by on 2026-01-28

„Следење на парите“, вториот вебинар од серијата онлајн-работилници што ЦРМ ги организира во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативниот неред“ ќе се одржи во петок, 30 јануари 2026 година, преку онлајн-платформата за конференции „ЗУМ“, со почеток во 15 часот.

Предавач на вебинарот е Емилија Дијаз-Страк (Emilia Diaz Struck), извршна директорка на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство. Поранешна професорка по новинарство на Централниот универзитет на Венецуела, Дијаз-Страк има и долгогодишно искуство во одржување летни семинари во областа на дата-новинарството и прекуграничната соработка на истражувачки проекти на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Соработува со повеќе водечки медиуми во Венецуела и во САД.

Работилниците од оваа серија се потпираат на индивидуални поглавја од „Прирачникот за верификација за истражувачко новинарство“ и од „Вовед во истражувачкото новинарство“ (издание на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство GIJN), што наскоро ќе биде објавено на македонски и на албански јазик.

Вебинарите се наменети, првенствено, за новинари што не се специјализирани во областа на истражувачкото новинарство и работат во традиционални, мејнстрим редакции, но можат да бидат корисни и за претставници на граѓанските организации што вршат истражувања и се соочуваат со потреба од верификација на наодите и од примена на корисните техники на истражувачкото новинарство. Вебинарите, исто така, можат да им помогнат и на искусните истражувачки новинари, затоа што водичот „Вовед за истражувачко новинарство“ ги покрива и најновите трендови во областа на новинарските истражувања, особено во онлајн-доменот.

Работен јазик на вебинарот е англискиот јазик. Ќе биде обезбеден превод на македонски и на албански јазик.

Линк за вебинарот на ЗУМ: https://us06web.zoom.us/j/82461740120?pwd=Qcj72zfae8Txmawmf6zp8CkJPdV26P.1

Вебинарот е дел од проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативниот неред“, финансиски поддржан од Европската Унија.