Added by on 2013-09-23

header

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), Фондацијата Метаморфозис и НВО Инфоцентарот, се придружуваат кон големата меѓународна коалиција и бараат од Република Македонија да изврши проценка дали националното законодавство и активности на полето на следењето на комуникациите се во согласност со преземените обврски на полето на меѓународните човекови права.

Нашите организации го поддржуваат предложениот сет од тринаесет меѓународни принципи против неконтролираното следење и надзор на комуникациите. Овие принципи, за прв пат во историјата, воспоставуваат рамка за оценување на практиките на следење и надзор, во контекст на меѓународните обврски на полето на човековите права.

Тринаесетте принципи претставени пред Советот за човекови права се: законитост на ограничувањата на приватноста; ограничувањата да имаат легитимна цел и да се нужни; следењето на комуникациите да биде соодветно и пропорционално на зацртаната цел; одлуката за следење да ја носи надлежно правосудно тело; да бидат почитувани правата на граѓаните и тие да бидат правовремено известени за следењето на нивните комуникации; користењето на следењето на комуникациите да биде транспарентно и подложно на јавен надзор; да се обезбеди интегритетот на комуникациите и системите; да се обезбедат заштитни средства во меѓународната соработка; како и да има заштита од незаконски пристап кон комуникациите.

За да се зајакне довербата на граѓаните во државните институции, а истовремено да се обезбеди нивно демократско функционирање, во Македонија задолжително треба да се воспостават механизми за цивилна контрола и отчетност на државните служби што имаат овластување и поседуваат опрема за следење и надзор на комуникациите на интернет. Приватноста е основно човеково право загарантирано со Уставот на РМ и заштитата на личните податоци мора да се подигне на највисоко ниво од сите релевантни чинители во општеството: државниот, бизнис и невладиниот сектор.

На 20 септември 2013 година, група организации на граѓанското општество од различни држави, официјално ги претстави тринаесетте принципи, на настан што се одржа на маргините на 24-тата седница на Советот за човекови права на ОН.

На настанот присуствуваа: Нави Пилеј (Navi Pillay), Висок комесар за човекови права на ОН и Френк Лару (Frank LaRue), специјалниот известувач на ОН за слободата на изразување и мислење, како и претставници на „Приваси интернешнал“ (Privacy International), Фондацијата „Електроник фронтиер“ (Electronic Frontier Foundation), „Аксес“ (Access), „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch), „Репортери без граници“ (Reporters Without Borders), Асоцијацијата за прогресивни комуникации (Association for Progressive Communications), и „Центарот за демократија и Технологија“ Center for Democracy and Technology). Официјални домаќини беа Постојаните мисии во ОН на Австрија, Германија, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија и Унгарија.

Нави Пилеј, Високиот комесар за човекови права на ОН, во воведното обраќање до Советот за човекови права, на отварањето на сесијата на 9 септември, рече:

„Законите и политиките мора да бидат прилагодени за да одговорат на можноста за драстично нарушување на приватноста на индивидуите, што ја овозможуваат современите комуникациски технологии“.

Френк Лару, Специјалниот известувач на ОН за слободата на изразување и мислење, во својот последен извештај до Советот за човекови права, јасно ја оцрта директната врска помеѓу надзорот што го вршат државите, приватноста и слободата на изразувањето:

„Правото на приватност често се смета за основен предуслов за остварување на слободата на изразувањето. Непотребното мешање во приватноста на индивидуите може да доведе до директни или индиректни ограничувања на слободниот развој и размена на идеи. …Повредата на едно право може да биде и причина и последица од нарушувањето на друго право“.

Повеќе информации за Тринаесетте принципи, како и листа на организациите потписнички, можете да ги пронајдете на Интернет страната https://NecessaryandProportionate.org.

Категорија

Активности