Added by on 2018-09-13

ЦРМ организираше дискусија за регулацијата на медиумската сопственост на 7 септември 2018 година (Фото: ЦРМ)

Центарот за развој на медиуми, во рамки на активностите за подготовка на документ за јавни политики на тема „Регулација на медиумската сопственост“, организираше јавна дискусија со цел да ги собере мислењата и ставовите на медиумската заедница и заинтересираните страни за постоечките состојби во таа област во Република Македонија.

Претставниците на заинтересираните страни изразија согласност со основната теза со која настапува ЦРМ, дека постоечките законски ограничувања на медиумската сопственост во областа на радиодифузијата се премногу рестриктивни и не овозможуваат македонскиот медиумски, а особено радиодифузниот пазар да ги следат и да се прилагодуваат на новите трендови во аудиовизуелната индустрија, ниту на новините што ги носи забрзаниот технолошки напредок.

Повеќе учесници укажаа дека таквата состојба доведе до сегашната неодржлива ситуација на презаситен и фрагментиран пазар, во кој медиумските компании се принудени да се борат за се помал и помал рекламен колач. Тоа ги турка во сиромаштија и ги прави подложни на секаков вид на притисоци, во обидите да се обезбеди опстанок на медиумите.

Неколку учесници во дискусијата го повторија ставот дека законот е одамна застарен. Како што посочи Благоја Христов од  „Телеком“, посточкиот закон целосно го игнорира новиот технолошки напредок и не успева да одговори на предизвиците ниту на среден, ниту на подолг рок.

„Се менува целата парадигма. Како што се смени музичката индустрија, така и ова. Се прашуваме дали да се менува законот, јас велам дека веќе доцниме со менувањето на законот, и ова што е заглавено во Собранието е само гребење на површината што не го решава, напротив, го усложнува проблемот. Регулираме исто како пред 10 години. Регулираме традиционална телевизија. Денес можеме да имаме 10 интернет телевизии, ја вршат истата работа, го имаат истото влијание, имаме поголем плурализам и се тотално неконтролирани од законот“, рече Христов на дискусијата.

(Фото:ЦРМ)

Учесниците на дискусијата го спомнаа отсуството на вистински податоци кои би помогнале во подготовката на соодветна анализа која би помогнала во идентификувањето на соодветни решенија. Согласни се дека досегашниот приод не функционира, затоа што продуцира корупција во медиумите, но и затоа што постоечките законски одредби за спречување на медиумската концентрација се лесни за изигрување. Надлежните тела, иако свесни за бројни примери на недозволена медиумска концентрација, остануваа немоќни да превземат што било, поради лесното криење на вистинските сопственици преку посредници.

Повеќето учесници се согласни дека решението би можело да биде либерализација на одредбите за да се овозможи концентрација – и хоризонтална и вертикална, и вкрстена – што можеби би го направила македонскиот пазар попривлечен за потенцијални инвестиции од големите странски компании. Притоа, го наведоа примерот на големите глобални играчи како што се Al Jazeera и CNN, кои преку регионалните подружници „Al Jazeera Balkans“ и „N1“ покажуваат дека финансиски независни и моќни меѓународни медиуми можат да се одбранат од напорите за ставање под политичка контрола со која се соочуваат малите и финансиски слаби домашни медиуми. Сепак, посочија дека нестабилното регулаторно опкружување во Македонија не ги охрабрува меѓународните медиумски компании да влезат на македонскиот пазар.

Центарот за развој на медиуми го искористи настанот уште еднаш да укаже на фактот дека медиумските реформи кои, според организацијата, требаше да започнат со усвојување на Законот за измени и дополнувања на ЗААВМУ, остануваат закочени, затоа што предлог-законот е заглавен во собраниска процедура и очигледно е предмет на политичка трговија.

Јавната дискусија, како и сите активности за подготовка на документот за регулирањето на медиумската сопственост и спречување на медиумската концентрација, се помогнати од програмата Цивика мобилитас на Швајцарската агенција за меѓународен развој.