Брзите промени во медиумскиот сектор предизвикани од новите дигитални технологии и интернет како нова платформа за дистрибуција на содржини не можеа да ја одминат и радиодифузијата, односно секторот на аудиовизуелните медиумски услуги. Според сите проценки, веројатно во наредните десетина години (во оптимистичката варијанта) ќе сведочиме на целосна преселба и на аудиовизуелните медиумски содржини (освен можеби кинематографијата) на ИПТВ платформи, што веројатно ќе не одведе во ера на „пост-линеарна“ и секако „пост-терестријална“ телевизија. За радиото тој процес најверојатно ќе потрае подолго.
Таквите промени ќе бараат и нов пристап кон регулацијата, особено затоа што основната причина за регулација во радиодифузијата – распределбата на радио-фреквентниот спектар како ограничено јавно добро – ќе престане да постои. Ако продолжат сегашните трендови, регулацијата најверојатно се повеќе ќе се фокусира на програмските и содржинските аспекти, наместо на техничките аспекти на обезбедување аудиовизуелни медиумски услуги. Задачата за осмислување на адаптацијата на регулацијата ќе ја имаат, пред сè, регулаторните тела.
На сличен начин, тоа ново време ќе бара нова улога и од јавниот радиодифузен сервис, а особено од неговиот програмски совет како управно тело што ги дефинира, меѓу другото, и неговите развојни политики.
Клучна улога во управувањето со тие промени ќе имаат двете управни тела, Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТ. Сепак, како што можевме да видиме во периодот од носењето на Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на 31 декември 2018 година, дури и процесот на избор на членови на двете тела содржи многу недостатоци. Дополнително, се покажа дека при изборот на членовите на телата, не е клучна стручноста на кандидатите туку, пред сè, нивната политичка подобност. Овој документ е фокусиран на прашањето на изборот на раководните органи на регулаторното тело, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, и на јавниот радиодифузен сервис, Програмскиот совет на МРТ.
Документот е подготвен со финансиска поддршка од Европскиот фонд за демократија (ЕЕД).
Документот е достапен за снимање, во ПДФ формат, на следниот линк:


English


