Added by on 2017-09-14

MDC_Logo mkМедиумите и медиумскиот сектор во целина се дел од клучните теми и области, идентификувани од македонското општество и потврдени во повеќе меѓународни документи и извештаи, што треба да се подложат на процес на темелни реформи што, од своја страна, треба да обезбедат Македонија да стане вистински демократска држава на плуралистичко и отворено општество. Реформите во медиумскиот сектор се дел и од Извештајот на Прибе и неговата група на искусни експерти, но и од листата на итни реформски приоритети подготвени од Европската комисија.

Како резултат на преговорите водени со посредништво на белгискиот посредувач Питер Ванхауте, во март 2016 година, пет организации на граѓанското општество – медиумски организации, професионални здруженија и синдикати – до политичките партии беше доставен предлог со итни измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тој предлог беше прифатен од тогашната парламентарна опозиција и поднесен до Собранието на усвојување, во итна постапка. Сепак, Собранието не го разгледуваше тој предлог, со оглед на изборите што беа закажани за следниот месец, април 2016 година.

Претставниците на новата Влада на РМ повеќе пати повторуваа дека тн. Предлог на Ванхауте ќе го достават на усвојување во изворна форма. Конечната верзија што е доставена до Собранието на РМ како Предлог-Закон за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги генерално се држи до таа определба. Сепак, конечната верзија нуди и неколку дополнителни одредби, пред сѐ, во регулирањето на издавањето дозволи за емитување на програмски сервиси преку јавна електронска комуникациска мрежа, и кај обврските на операторите на јавни електронски комуникациски мрежи.

Овој документ ги содржи коментарите на Центарот за развој на медиуми на одделни одредби од предлог-законот. Тоа особено се однесува на оние одредби за кои сметаме дека се непотребни, или постојат подобри решенија, или можат да предизвикаат штетa за медиумскиот сектор и слободата на изразување во државата, затоа што излегуваат надвор од законските норми и се во спротивност со меѓународно признати стандарди.

Во подготовката на овој документ, освен внатрешните капацитети на организацијата, ЦРМ го ангажираше и д-р Климе Бабунски од организацијата ПРО МЕДИА, експерт за јавно-сервисна радиодифузија и медиумски политики.

Подготовката на овој документ е поддржана од Програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка. Неговата содржина е единствена одговорност на Центарот за развој на медиуми и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика Мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка или организациите што ја спроведуваат.

Документот е достапен за снимање на следниот линк:

Коментари на Предлот-законот за измени и дополнувања на ЗААВМУ