Added by on 2014-07-02

MDC_Logo mk

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) смета дека последниот Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, предложен од страна на Владата, по скратена постапка, претставува уште еден обид за нетранспарентно и задкулисно интервенирање во закон кој директно ги допира слободата на информирањето и слободата на медиумите.

Сметаме дека е крајно време, Владата да престане со игнорирање на медиумските организации и новинарските здруженија при интервенција во правни акти кои директно ги засегаат медиумската, но и пошироката јавност. Последниот обид да се направи интервенција во промената на овластените предлагачи на Програмскиот совет на МРТ, каде наместо досега предвиденото мнозинско новинарско здружение, се воведува и второ новинарско здружение, без при тоа да се консултира медиумската заедница и да се отвори поширока јавна дебата, претставува сериозен индикатор за тоа каков е односот на Владата кон медиумите и медиумските работници. Едновремено се отвара и прашањето зошто овие измени треба да се одвиваат во скратена, а не во редовна постапка.

Исто така, ЦРМ сака да ја потсети Владата за јавно преземената обврска, во рок од шест месеци по донесувањето на медиумските закони, да предложи промени во начинот на финансирање на јавниот радиодифузен сервис  со цел да се зголеми неговата независност.

ЦРМ смета дека само преку целосна финансиска и уредувачка независност на МРТ може да се создаде независен и транспарентен јавен радиодифузен сервис, кој на вистински начин ќе ги штити интересите на граѓаните и на јавниот интерес во Република Македонија.

Соопштението во PDF формат можете да го преземете на следниот линк Soopshtenie_CRM_Netransparentno menuvanje na ZAAMU_02072014_FINAL