Added by on 2014-07-23

logo

Целта на овој документ за јавна политика е да даде предлози и сугестии со кои ќе се обезбедуваат транспарентноста, ефикасноста и незвисноста на Агенцијата и кои треба да бидат содржани во деловникот за работа на АВМУ што ќе биде донесен најдоцна до 31 август.

Документот за јавна политика содржи повеќе препораки кои се однесуваат на различни аспекти од работењето на АВМУ: транспарентноста и јавноста во работењето, именувањето и разрешувањето на дел од функционерите на Агенцијата, ефикасноста и партиципативноста во донесувањето на подзаконските акти, прецизирањето на финансиската независност и непрофитност, како и сугестии за висината на месечниот надомест на членовите на Советот на АВМУ.

ЦРМ предлага во новиот деловник задолжително да бидат вметнати одредби со кои ќе се обезбедат и зголемат транспарентноста и јавноста на работата на АВМУ. Со деловникот на Агенцијата јасно мора да биде гарантирана можноста пошироката јавност, а посебно медиумите и граѓанските организации, непречено да присуствуваат на седниците на Советот, без при тоа да биде наметната посебна постапка која би можела да имплицира каков било ограничен пристап. Ова е од исклучително значење бидејќи Законот  не предвидува јавност во работата на седниците, туку остава можност надворешни лица да присуствуваат на седниците во согласност со деловникот за работа на Агенцијата. Новиот деловник би требало да ја забрани и лошата пракса која беше забележана во работењето на поранешниот Совет за радиодифузија – советниците за време на седниците да одржуваат координации „зад затворени врати“.

Кога станува збор за објавување на документите на интернет-страницата на АВМУ, би било мошне корисно кога Советот, деловнички би вметнал листа на задолжителни документи кои треба да се објавуваат во законски утврдениот рок од 7 дена. Агенцијата мора да води сметка и за одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер бидејќи АВМУ како имател на информации од јавен карактер, треба да ја информира јавноста: за предлог програмите, стратегиите, ставовите, мислењата, студиите и други слични документи што се однесуваат на актите од надлежноста; за сите повици во постапката за јавните набавки и тендерската документација, како и за податоци од нејзините надлежности утврдени со закон.

ЦРМ предлага изборот и разрешувањето на претседателот на Советот на АВМУ, на заменикот на претседателот на Советот, и на директорот на АВМУ и на неговиот заменик, да се врши со гласови од најмалку 5 советници од вкупно 7 колку што брои Советот. На овој начин, ќе се зголеми нивниот кредибилитет и авторитет во рамки на Агенцијата, но и ќе резултира со приближување кон поголема консензуалност во одлучувањето на Советот.

Советот мора да вложи напор деловникот да содржи нормативни гаранции за учество на стручната јавност, претставници на радиодифузери, но и медиумски организации во процесот на усвојување на подзаконските акти на Агенцијата. На тој начин ќе се постигне партиципативност во процесот од страна на сите засегнати страни.

Деловникот треба да ја разработи и постапката за доделување, одземање или продолжување на дозволата за телевизиско или радио емитување. ЦРМ препорачува, Советот да избегне одредби кои дополнително би ја компликувале постапката.

Едновремено, ЦРМ предлага, деловникот да предвиди забрана за финансирање на Агенцијата преку приходи од камата на орочени средства, бидејќи тие приходи претставуваат профит, а Агенцијата е самостојно, независно и непрофитно регулаторно тело, со статус на правно лице со јавни овластувања, а предлага и месечниот надоместок на членовите на Советот да биде ограничен на две просечни месечни плати.

Целосниот текст на документот за јавна политика: „Предлог решенија за подзаконската регулатива во надлежност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“ во PDF формат може да го преземете на следниот линк:

Предлог-решенија за подзаконската регулативаво надлежност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Категорија

Изданија на ЦРМ