Added by on 2014-09-15

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) смета дека измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, усвоени на 12-та седница на Собранието на РМ одржана на 2 септември 2014 година, претставуваат нов, нетранспaрентен обид за удар врз слободата на информирањето и слободата на медиумите.

Со усвоените законски измени, трети во период од само осум месеци, на радиодифузерите им се ограничува правото на опомена пред да биде поведена прекршочна постапка за непочитување на одредбите кои се однесуваат на производството и емитувањето домашна документарна и играна програма.

Законот на Владата и го дава последниот збор во определувањето на максималниот износ за исплата на надоместокот на радиодифузерите за создавање домашна документарна и играна програма. Наметнати се паушални критериуми според кои ќе се оценува дали радиодифузерите имаат право на надоместок на трошоците во висина од 50%. Понатаму, преку идни подзаконски акти, Владата ќе може да ги доразработува критериумите, и со тоа директно да влијае врз приватните радиодифузери и јавниот радиодифузен сервис.

Со измените на ЗАВМУ Владата си обезбеди уште една нова надлежност – да формира меѓуресорска комисија од седум члена, која ќе ги оценува критериумите според кои ќе им се исплаќа надоместок на радиодифузерите за создавање домашна документарна и играна програма. Дури 5 членови на меѓуресорската комисија ќе бидат од министерства или други државни органи што се под директна контрола на власта, додека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за филм ќе имаат само по еден член во комисијата.

Сметаме дека таквото решение претставува директен упад во независноста на медиумскиот систем во Република Македонија, и целосно деградирање на АВМУ како независно, самостојно и регулаторно тело.

Повторуваме дека прашањето колку и каква документарна и играна програма радиодифузерите ќе емитуваат, е прашање на нивната независна уредувачка политика, а не на форматот во кој емитуваат. Овие обврски се единствено примерени за јавниот радиодифузен сервис кој има должност да се грижи за јазикот, традицијата и културното наследство на Република Македонија, како што е веќе уредено со постојниот текст на Законот.

И последниве интервенции во Законот беа спроведени нетранспарентно, во итна постапка, без каква било јавна расправа или консултации со медиумската заедница во државава.

Владата треба да престане со игнорирање на медиумските организации и новинарските здруженија при интервенции во правните акти кои директно ги засегаат медиумската, но и пошироката јавност. Инсистирањето на законски измени по скратена постапка и отсуството на каква било јавна дебата за нив, претставува уште еден индикатор за тоа дека Владата сака да воспостави целосна контрола врз медиумите и медиумските работници.

Апелираме Владата да престане со континуирано предлагање промени на медиумските закони, преку кои акумулирајќи суштински овластувања за себе, во континуитет ги намалува и онака кревките медиумски слободи во Македонија.

ЦРМ ја користи оваа можност да ја потсети Владата за јавно преземената обврска, во рок од шест месеци по донесувањето на медиумските закони, да предложи промени во начинот на финансирање на јавниот радиодифузен сервис, со кој ќе се обезбеди неговата независност и ќе се елиминира влијанието на извршната власт.