
Центарот за развој на медиуми ве поканува да учествувате на вебинарот „Лаги и информативни операции за време на ударни вести“, што ќе се одржи во петок, 13 септември 2024 година, преку онлајн-платформата за конференции „ЗУМ“, со почеток во 10 часот.
Предавач на вебинарот е Евгенија Џејн Литвиненко, новинарка и обучувач, фокусирана на прашањата поврзани со дезинформациите, кибер-безбедноста и онлајн истражувањата. Во својата работа има разоткриено кампањи за манипулација преку социјалните медиуми, измамници со крипто-валути и финансиски мотивирани злонамерни актери што шират дезинформации. Во моментов живее и работи во Киев, од каде што известува за настаните во Украина за „Волстрит џурнал“.
Ова е втор од серијата вебинари наменети, пред сè, за новинари и редакции, како помош во справувањето со напливот на непроверени, често невистинити и злонамерни информации достапни преку интернет и социјалните мрежи и медиуми. Целта е да се зајакне способноста на новинарите и редакциите одговорно да ја вршат својата етичка обрска на своите публики да им обезбедат само проверени и верификувани вести и информации.
Вебинарот е дел од проектот „Проверката на факти пред објавување во борбата против дезинформациите“, финансиски поддржан од Амбасадата на САД.
Англискиот е работен јазик на вебинарот.


English

