Added by on 2026-09-30

Центарот за развој на медиуми ве поканува да учествувате на вебинарот „Обезбедување финансирање за истражувачкото новинарство“, што ќе се одржи во четврток, 1 октомври 2026 година, преку онлајн-платформата за конференции „ЗУМ“, со почеток во 16 часот.

Финансирањето на квалитетно новинарско производство, а со тоа и истражувачки новинарски проекти, е клучното прашање со кое се соочуваат медиумите во целиот свет. Распадот на старите бизнис-модели што првенствено се засноваа на заработката од продажба на рекламен простор и време, намалената одржливост на големите организирани редакции, нужно бараат диверсификација на приходните линии. Оние што се потпираат на донаторски фондови се соочуваат со драстични промени кај донаторската заедница и кратење на фондовите за меѓународна помош.

Многумина се обидуваат да го пронајдат точниот одговор на прашањето – како да се обезбедат средства за квалитетното новинарство или за истражувачките проекти. Овој вебинар ќе ги пренесе акумулираните искуства и знаење на Карен Мартин, директорка за развој во Глобалната мрежа за истражувачко новинарство (Global Investigative Journalism Network).

Вебинарот е седми по ред во серијата онлајн-работилници што Центарот за развој на медиуми ги организира во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативниот неред“. Работилниците се потпираат на индивидуални поглавја од „Прирачникот за верификација за истражувачко новинарство“ и од „Вовед во истражувачкото новинарство“ (издание на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство GIJN), што наскоро ќе биде објавено на македонски и на албански јазик.

Вебинарите се наменети, првенствено, за новинари што не се специјализирани во областа на истражувачкото новинарство и работат во традиционални, мејнстрим редакции, но можат да бидат корисни и за претставници на граѓанските организации што вршат истражувања и се соочуваат со потреба од верификација на наодите и од примена на корисните техники на истражувачкото новинарство. Вебинарите, исто така, можат да им помогнат и на искусните истражувачки новинари, затоа што водичот „Вовед за истражувачко новинарство“ ги покрива и најновите трендови во областа на новинарските истражувања, особено во онлајн-доменот.

Работен јазик на вебинарот е англискиот јазик. Ќе биде обезбеден превод на македонски и на албански јазик.

Предавач на вебинарот е Карен Мартин (Karen Martin), директорка за развој во Глобалната мрежа за истражувачко новинарство. Магистрирала во областа на телевизијата, радиото и филмот на Школата за јавни комуникации „С.И. Њухаус“ на Универзитетот Сиракјуз, и потоа работела како репортер/продуцент во редакциите на телевизиски станици подружнички на мрежата „ЕјБиСи“ во Сиракјуз, во сојузната држава Њујорк, и во Хај Поинт во Сојузната држава Северна Каролина. Во Северна Каролина ја добила наградата „Воркинг прес аворд“ (Working Press Award) за својата работа во „Шарлот обсервер“, „Соудерн ливинг“, „Карибиан травел“ и други побликации. Повеќе од 20 години ги користи своите раскажувачки вештини за привлекување на повеќе од 185 милиони долари финансиска помош за невладини и непрофитни организации што работат во областа на заштита на бегалците во целиот свет, преквалификација на работиниците и нивно враќање на пазарот на трудот, борба против несигурниот пристап до храна, обезбедување стипендии за мотивирани студенти и обезбедување безбедни простири за залоупотребувани и запоставени деца. (Повеќе за нејзината биографија на линкот https://gijn.org/staff-member/karen-martin/).

Вебинарот е дел од проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативниот неред“, финансиски поддржан од Европската Унија.

 

А Г Е Н Д А

 

 

 

Датум: 1 октомври 2026 година

Место: Онлајн платформа „ЗУМ“

Линк до вебинарот: https://us06web.zoom.us/j/84158152097?pwd=jctSgEj1GDFzBy8PeMobOfBouH3wgX.1

(Влезен код: 717299)

 

 

 

16:00-16:10 Воведно обраќање

Дејан Георгиевски, Центар за развој на медиуми

16:10-17:30

 

 

17:30-17:45

 

17:45-19:15

„Обезбедување на финансирање за истражувачкото новинарство, Дел 1“

Карен Мартин, Глобална мрежа за истражувачко новинарсто

 

Пауза

 

„Обезбедување на финансирање за истражувачкото новинарство, Дел 2“

 

Карен Мартин, Глобална мрежа за истражувачко новинарство