Added by on 2014-05-22

tv-camera

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) смета дека Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) навлегува во независната уредувачката политика на радиодифузерите во Република Македонија. Сериозен индикатор за оваа констатација претставуваат вчерашните случувања поврзани со барањето иницирано од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за санкционирање на два приватни радиодифузери, ТВ Телма и ТВ Сител, поради прекршување на одредбите од Законот поврзани со обврската за емитување домашна забавна и народна музика.

Членот 92 од Законот предвидува обврска за радиодифузерите од општ формат, во текот на една недела да емитуваат најмалку осум часа, вокално и/или вокално-инструментална музика на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија, од која 50% треба да биде забавна вокално и/или вокално-инструментална музика, а 50% народна вокално и/или вокално-инструментална музика. Дополнително, радиодифузерите се обврзани најмалку половина од музиката да ја емитуваат во периодот помеѓу 7 и 19 часот. Посебно загрижува високата глоба предвидена за прекршување на овие одредби, која изнесува 20.000 евра во денарска противвредност. На овој начин законодавецот врши директна повреда на општите начела на независното и професионално новинарство, кои предвидуваат слобода во дефинирањето на програмската шема и уредувачката политка на медиуммите. ЦРМ смета дека е недозволено под превезот на заштита на јазикот, традицијата и културното наследство на Република Македонија, да им бидат наметнувани вакви и слични обврски на приватните радиодифузери.

Погоре наведените аргументи уште еднаш го потврдуваат добро познатиот став на ЦРМ дека Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми се непотребни и сериозно ги обременуваат приватните радиодифузери. Претераната регулација на медиумскиот простор може да донесе само дополнително влошување на лошата медиумска слобода во Република Македонија.

Што се однесува до реакцијата на ТВ Телма по вчерашната одлука на Агенцијата, ЦРМ ги повикува двете страни што поскоро заеднички да ја решат дилемата околу времето кое радиодифузерот го алоцирал за емитување народна музика. Не би сакале да веруваме дека ТВ Телма е мета на неосновани напади и санкции од страна на државните институции, како резултат на нејзиното критичко известување за време на изборниот период кој неодамна заврши.