Added by on 2016-01-28

Граѓанските организации од Македонија денес, на 28 јануари 2016 година, побараа од Еврокомесарот Јоханес Хан; од Делeгацијата на ЕУ во Македонија; од Пратениците во Европскиот парламент; од Раководителот на Вишата експертска група – Рајнхард Прибе; од Мисијата на ОБСЕ во Скопје; од Амбасадите на сите држави-членки на ЕУ кои имаат свои претставништва во Македонија и од Амбасадата на САД, да останат доследни во инсистирањето за спроведување вистински реформи за фер и слободни избори. Отвореното писмо, потпишано од 78 граѓански организации* денес беше јавно прочитано на конференција за печатот пред седиштето на Делегацијата на ЕУ.

Писмото, во името на организациите потписнички, го прочитаа Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот и Ирена Стефовска од АЈДЕ!

Писмото, во името на организациите потписнички, го прочитаа Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот и Ирена Стефовска од АЈДЕ!

„Инсистирањето само на датум за избори, без претходно да бидат спроведени реформи за фер и слободни избори, може да доведе само до продлабочување на политичката криза во Република Македонија“, се вели во отвореното писмо што го потпишаа 78 граѓански организации*.

Граѓанските организации констатираат дека во последните седум месеци не виделе вистински реформи за надминување на политичката криза во Република Македонија. Наместо тоа, велат организациите, продолжуваат недемократските процеси, непочитувањето на човековите права и газењето на Уставот.

„Наместо владеење на правото и почитување на принципот на поделба на власта, сведоци сме на политичко самоволие и узурпирање на законодавната и судската власт од страна на извршната власт“, велат граѓанските организации во отвореното писмо до меѓународните претставници во Македонија.

Граѓанските организации бараат оед Хан, Делегацијата на ЕУ, Пратениците на ЕП, Мисијата на ОБСЕ и амбасадорите на државите членки на ЕУ и на САД доследно да се придржуваат до основните вредности на кои е втемелена ЕУ, и јасно да го осудат едностраното, самоволно и противуставно донесување на одлуката за одржување избори на 24 април 2016, од страна на Собранието на РМ, во отсуство на поголемиот дел од опозицијата.

„Ние граѓаните и активистите од граѓанските организации очекуваме Европската Унија и натаму да биде наш сојузник и партнер во борбата за демократизација на Република Македонија. Во спротивно, со жалење ќе мораме да констатираме дека ЕК станува соучесник во газењето на демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија“, бараат граѓаните и додаваат дека без исполнувањето на условите за слободни, фер и демократски избори, што подразбира нужно одложување на постојниот датум, ќе немаат друга опција освен да повикаат на бојкот на изборите и на нови протести против режимот што владее во Македонија.

Целиот текст на отвореното писмо е приложен кон оваа статија.

Отворено писмо до меѓународната заедница

*Центарот за развој на медиуми е помеѓу организациите-потписнички на отвореното писмо.