Added by on 2025-11-10

Центарот за развој на медиуми ве поканува да учествувате на вебинарот „Вовед во истражувачкото новинарство и дигитални приоди кон истражувањата“, што ќе се одржи во четврток, 13 ноември 2025 година, преку онлајн-платформата за конференции „ЗУМ“, со почеток во 16 часот.

Вебинарот е прв во серијата онлајн-работилници што Центарот за развој на медиуми ги организиара во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативниот неред“. Работилниците се потпираат на индивидуални поглавја од „Прирачникот за верификација за истражувачко новинарство“ и од „Вовед во истражувачкото новинарство“ (издание на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство GIJN), што во моментов е во фаза на превод и наскоро ќе биде објавено на македонски и на албански јазик.

Вебинарите се наменети, првенствено, за новинари што не се специјализирани во областа на истражувачкото новинарство и работат во традиционални, мејнстрим редакции, но можат да бидат корисни и за претставници на граѓанските организации што вршат истражувања и се соочуваат со потреба од верификација на наодите и од примена на корисните техники на истражувачкото новинарство.

Вебинарот, во првата сесија, ќе даде општ вовед во истражувачкото новинарство. Втората сесија ќе се фокусира на специфични практични приоди кон истражувањата во дигиталната сфера.

Работен јазик на вебинарот е англискиот јазик. Ќе биде обезбеден превод на македонски и на албански јазик.

Предавач на вебинарот е Крег Силверман (Craig Silverman), новинар, автор и обучувач. Силверман е еден од водечките експерти во светот за прашања на дезинформациите во онлајн сферата, лажните вести и дигиталните истражувања. Основач е на „Индикатор“ (Indicator), њуслетер и интернет страница посветена на разоткривање на дигиталните измами и опремување на професионалците со знаења и вештини за истражување на дигиталните измами. Автор е на неколку книги и е уредник на серијата изданија „Прирачник за верификација“ на Европскиот новинарски центар (ECJ), што ЦРМ ги преведе на македонски и на албански.

Вебинарот е дел од проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативниот неред“, финансиски поддржан од Европската Унија.

Вебинарот можете да го проследите на платформата „ЗУМ“, на следниот линк.