Added by on 2026-02-17

Центарот за развој на медиуми ве поканува да учествувате на вебинарот „Колаборативни истражувања“, што ќе се одржи во четврток, 19 февруари 2026 година, преку онлајн-платформата за конференции „ЗУМ“, со почеток во 16 часот.

Вебинарот е трет од серијата онлајн-работилници што Центарот за развој на медиуми ги организира во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативниот неред“. Работилниците се потпираат на индивидуални поглавја од „Прирачникот за верификација за истражувачко новинарство“ и од „Вовед во истражувачкото новинарство“ (издание на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство GIJN), што наскоро ќе биде објавено на македонски и на албански јазик.

Вебинарите се наменети, првенствено, за новинари што не се специјализирани во областа на истражувачкото новинарство и работат во традиционални, мејнстрим редакции, но можат да бидат корисни и за претставници на граѓанските организации што вршат истражувања и се соочуваат со потреба од верификација на наодите и од примена на корисните техники на истражувачкото новинарство. Вебинарите, исто така, можат да им помогнат и на искусните истражувачки новинари, затоа што водичот „Вовед за истражувачко новинарство“ ги покрива и најновите трендови во областа на новинарските истражувања, особено во онлајн-доменот.

Работен јазик на вебинарот е англискиот јазик. Ќе биде обезбеден превод на македонски и на албански јазик.

Предавач на вебинарот е Сандрин Риго (Sandrine Rigaud), програмска директорка на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство. Предава истражувачко новинарство на Факултетот за новинарство на Универзитетот „Сајенс По“ (Sciences Po) во Париз. Таа е истражувачка новинарка и поранешен главен уредник на „Форбиден сторис“ (Forbidden Stories) каде, меѓу другото, раководела со меѓународни колаборативни истражувања во кои биле вклучени до 100 новинари и 30 медиуми, како што се „Пегаз“, „Убијци на приказни“ (Story Killers) и „Проектот Картел“. Приказните произведени под нејзино водство ги добиле највисоките новинарски награди. Како продуцент работела на документарци за „ПиБиЕс Фронтлајн“ (PBS Frontline), „БиБиСи Сторивил“ (BBC Storyville), „Арте“ и „Франс телевизионс“ (France Televisions), вклучително и наградуваните документарци „Глобален шпионски софтвер: Разоткривањето на Пегаз“ (Global Spyware: Exposing Pegasus), „Малта: Во името на Дафне“ (Malta: In Daphne’s Name), и „Словачка: Убиени вереници“ (Slovakia: The Murdered Fiances). (Повеќе за нејзината биографија на линкот https://gijn.org/staff-members/sandrine-rigaud).

Вебинарот е дел од проектот „Истражувачко новинарство за ерата на информативниот неред“, финансиски поддржан од Европската Унија.

Линкот до вебинарот на платформата „ЗУМ“ е https://us06web.zoom.us/j/87892639446?pwd=OJ9QenMSublG5J19b2aXDzTLx9JXOl.1